Ако си ги прочитал првиот и вториот дел, веќе знаеш дека егото е како змеј кој што можеш само да го припитомиш, и е невозможно да го убиеш. Доколку се обидеш, ќе повредиш дел од себе и тој ќе те натера да се самоуништиш.
Сега останува најважното прашање: кога да му дозволиш да се истакне?
Целта не е вечно да бидеш скромен. Скромност по секоја цена е само друга маска која ќе го изгладне твоето его до степен што ќе го натера да те нападне тебе.
Понекогаш треба да направиш нешто со што ќе покажеш за што си способен и со тоа да го нахраниш змејот, а понекогаш дури треба и да дејствуваш од место на его за другите да ја разберат сопствената позиција во опкружувањето во кое се наоѓате.
Трите прашања
Кога ќе осетиш потреба да докажеш дека си подобар од некого или „да го седнеш на место“, прашај се:
- Како ова ќе ни помогне?
- Како ќе се чувствуваат другите?
- Дали го заслужуваат тоа?
Доколку оваа постапка ми помогне да добијам нешто што го посакувам без притоа да направи штета на луѓето околу мене и да ги загрози моите врски, тогаш вреди да се препуштите на егото.
Доколку некој е погоден или повреден од вашата величина, тоа е нивни проблем. Доколку тие се свесни за нивната сопствена вредност, не би се мереле со тебе и не би биле загрозени кога ќе го извадиш змејот.
Доколку се работи за блиски луѓе, тие не би биле загрозени, баш напротив, би се гордееле со твојот успех.
Исто така, ако некој те омаловажува, ти го краде трудот или гази по тебе или по твоите луѓе, тогаш не само што е оправдано да дејствуваш од место на его и да им покажеш што знаеш, туку можеш комотно и да ги засениш без да ти е грижа дали ќе бидат повредени или не.
Но ако само сакаш да се нахраниш и бараш некој помал од тебе со кого би се споредил како би изгледал поголем од нив, тогаш не го слушај твоето его.
Значи, ако одговорот на трите прашања е „помага, а тие го заслужиле“, оди и згрми пред нив. Покажи колку вредиш. Покажи го змејот. Тоа не е ароганција, тоа е самопочит.
А ако одговорот е „не помага ништо, само ме тера да се чувствувам поголем“, нахрани го змејот подоцна, на друго место: на тренинг, со успех во работата, во мракот каде сте сами ти и змејот, онаму каде го градиш и обликуваш.
Кога некој ќе се почувствува загрозен
Понекогаш ќе постапиш правилно во одредена ситуација која бара да го извадиш змејот или пак ќе го извадиш змејот да просветка под светлата со своите квалитети затоа што си оправдано горд на себе и на својот змеј, и некој ќе се почувствува повреден или загрозен.
Тебе намерата можеби не ти е да му се истакнеш на некој пред фаца за да го загрозиш. Но често, кога си видно подобар од некој и тоа не можеш да го сокриеш, ниту пак е здраво да ја криеш својата големина, тоа може да ги загрози другите наоколу.
Често тоа е неговиот змеј што се чувствува загрозен, а не тој. Не мора да се извинуваш затоа што растеш. На долгорочно, кога секој ќе се справи со своето его, ќе види дека не си бил против него, туку тој се мерел во лига во која што сè уште не е спремен да игра, против шампиони што се далеку поголеми од него.
И запомни: не си единствениот со змеј во главата. Секој си има по еден таков. Тоа е утешително.
Исто така, добро изделканото его исто така често бара врвен квалитет и исклучителни резултати и понекогаш луѓето може да дадат сè од себе, а да не ги задоволат твоите стандарди.
Здравото его тука би нашло начин да им укаже на грешките и да им даде насока како да се подобрат, додека дивиот змеј би реагирал со „не чини ова, врска немаш што правиш“. Ваквите коментари само ќе ги повредат луѓето околу вас кои со ваша помош би можеле да достигнат врвни резултати и да го задоволат вашиот стандард за квалитет.
Крајот на внатрешната војна
Војната завршува кога престануваш да се делиш на „добар јас“ и „лошо его“. Има само еден ти, кој вози голема, моќна сила и знае кога да ја пушти, а кога да ја задржи. Тогаш скромноста не е глума, а гордоста не е срам. Двете се алатки. Ги користиш кога треба, во правите околности, време и место.
Но пред тоа мораш да научиш како и кога да ги користиш правилно. А за да научиш, мораш пред сè да разбереш дека најголемиот проблем е кога брзаме да сме големи и да се истакнеме, и кога имаме его кое не е заслужено ниту оправдано.
Често, дејствувајќи низ брзото секојдневие, нема ни да приметите кога сте во состојба на его. Затоа, убава практика е на крајот од секој ден да се навратите назад и да ги погледнете малите ситуации од тој ден, какви одлуки сте донеле и да препознаете кои одлуки сте ги донеле со вашето его и кога тоа било правиот избор а кога не.
Што почесто го практикувате ова, толку повеќе го усовршувате вашето сетило за носење прави одлуки и станувате сè поискусни во оваа его игра која го придвижува светот.
Исто така, за да се заштитиш себеси и своето его, најважно е да си свесен за сопствената вредност и да можеш да ја препознаеш туѓата. Така би знаел со кого можеш да се мериш, на кого треба да се угледаш, а каде треба да отстапиш. И би работел на сопственото усовршување за да го изделкаш своето его до степен каде ќе можеш да им парираш на оние на кои си се угледувал.
Кога секој би ја знаел својата вредност, никој не би имал повредено его. Тогаш сите би знаеле со кого можат да се мерат, како кого целат да бидат, и би работеле на себе додека не достигнат ниво во кое играат елитните шампиони.
Тоа е поентата на Own your masculinity: да ја знаеш својата сила, да не мораш секогаш да ја покажуваш, и да не се плашиш да ја употребиш кога е време да ја покажеш.
Краток серијал „Змејот во тебе“ по повод машкото ментално здравје
Ако ова ти значеше нешто, испрати го на другар. Може многу да му биде од помош.
