Плаќање при достава · Бесплатна достава од 1.800 ден.

Змејот во тебе · дел 2 од 3

Како да го припитомиш сопствениот змеј

Егото сака пофалба, внимание и да докаже дека е подобро. Кога нема да го нахраниш, се буни како зависник. Вториот дел од серијата: како да го препознаеш гласот на егото и да го припитомиш без да го уништиш.

Првиот дел беше за тоа дека егото не треба да се убие, туку да се припитоми. Лесно е да се каже, малку потешко да се спроведе во пракса. Но, еве како изгледа во пракса.

1. Како да го препознаеш

Змејот секогаш зборува со истите реченици. Кога ќе ги чуеш во главата, тоа не си ти, тоа е тој:

Егото секогаш наоѓа нешто што не е по негова мерка и сака да го смени. Секогаш сака да биде во центарот. Сака пофалба. Тоа не потекнува од место на злоба. Тоа е само гладно за да биде препознаено, подобро, признаено, забележано и испочитувано.

Исто така егото не секогаш доаѓа во форма на зборови, некогаш тоа директно влијае врз вашите чувства и може да ве натера да се чувствувате загрозено од нечија туѓа величина, може да направи луѓето околу вас да ви сметаат со сè што ќе направат, или пак да завидите некому затоа што има нешто што вие го немате.

Сите овие се знаци на нескротен змеј.

Егото сака да се почувствувате супериорно па често каде што може да побара нешто од некого, тоа може да ве натера да наредите некому да направи нешто за вас. Во одредени ситуации ова е оправдано па дури и потребно, во други ситуации е рецепт за самоуништување.

2. Што се случува кога нема да го нахраниш

Првиот пат кога нема да му дадеш што бара, ќе се побуни. Ќе се чувствуваш немирно, навредено, како некој да ти зел нешто. Тоа е нормално. Змејот реагира како зависник кога нема да ја прими својата доза. Диши длабоко. Како Игор.

Ако издржиш, се случува нешто интересно. Змејот сфаќа дека веќе не може да те натера. Ти ќе го нахраниш кога ти ќе одлучиш. И тогаш се смирува. Бучавата во главата се стишува и почнуваш да одлучуваш од место на јасност, а не од потреба да докажеш.

3. Врските се првата жртва на дивиот змеј

Кога егото управува со твојот живот и носи одлуки во твое име, секоја расправија е битка што мора да ја добиеш. Ти не се бориш за правда, се бориш за ти да си во право.

Не го ни слушаш другиот.

Додека тој зборува, ти размислуваш како да го победиш, и наместо да бараш логика во она што го зборува, ти бараш грешка што можеш да ја истакнеш. Постојано бараш нешто да се смени кај другиот наместо да ги прифатиш луѓето онакви какви што се.

Бараш другите да се сменат дури и кога самиот потајно знаеш дека не си во право и ти си тој што треба да попушти, да се извини, или да направи некаква промена.

Врските се распаѓаат и луѓето заминуваат од твојот живот кога твојот партнер или пријател ќе се соочи со тоа дека ти веќе си се препуштил на дивиот змеј. Не се ни трудиш да се контролираш или да се промениш на подобро, туку сите одлуки ги носиш со цел да воспоставиш власт и доминација. Сакаш да си во право без разлика на ситуацијата.

Секогаш, сè да е по твое.

Често за да се истакнеш себеси и да добиеш признание може да ги понижиш оние кои ти се најблиски кога има трети лица во близина. Тоа е резултат на див змеј кој носи одлуки во твое име. Кога сте насамо, ќе ги обвиниш нив дека се премногу кревки за да го прикриеш својот неисправен потег.

Припитомениот змеј не се откажува од она што го сакаш. Само престанува да ги гази луѓето додека стигнеш таму. Нему му значи и твојот партнер да биде подеднакво возвишен, и твоите пријатели да бидат исто така признаени и истакнати. Често ќе се повлече самиот да не ги засени останатите.

4. Од див змеј до миленик

Ова е делот што најмногу изненадува. Кога ќе престанеш да се бориш со егото, тоа станува речиси симпатично. Ја гледаш неговата желба да биде пофалено и во себе се насмевнуваш: „Знам, другар. Подоцна. Мора да заслужиме прво. Ќе дојде правиот момент.“

Врската меѓу егото и срцето е можеби најубавото нешто што можеш да го изградиш со себе. Змејот ја дава силата. Срцето го дава правецот. Ти ги држиш уздите. Ако успееш да воспоставиш ваква врска, животот станува колоритен.

Твоето его на тебе ти станува како едно дете кое бара сладолед. Но ти, како свесен родител, не можеш да му дадеш сладолед за доручек, ручек и вечера, па одбираш кога ќе му дозволиш да се истакне, а кога ќе му помогнеш да разбере дека не секогаш е правиот момент за возвишување.

Ако си го пружи тоа задоволство секој пат кога чувствува потреба, многу брзо ќе се најде себеси во неповолна ситуација и ќе се повреди.

Логиката е многу јасна: тоа верува во тебе, не ги ни гледа другите, мисли дека ти си најдобриот од сите, мисли дека тоа е најдобро од сите затоа што вие сте едно, нели.

Доколку му поверуваш и дозволиш да дејствува пред да погледнеш кој сè е околу тебе, ќе се најде некој кој е многу подобар од тебе во дадена област, и кога тој ќе те надмоќи, твоето его ќе биде повредено.

Резултатот на повредено его е многу лош. Најчесто тоа бара некој послаб кого лесно може да го надмоќи за самото да се осети возвишено и помоќно од нечиј друг змеј. Бара некој на кого може да ја пренесе таа болка, и често тоа е некој близок кој те почитува и сака.

Затоа рековме дека врските се првата жртва на змејот.

5. Да пробаме една вежба во наредните неколку дена

Секој пат кога ќе ти дојде идеја што е предводена од чувствата, мислите и намерите кои ги спомнавме на почетокот на оваа статија, застани на момент и примети се себе, дури, ако можеш, и запиши ја ситуацијата.

Објасни му на твојот нотес што се случило и како си се почувствувал, какви мисли ти надошле. На крај од неделата погледни ја листата. Ќе видиш колку често змејот се обидува да управува со твоите одлуки, и колку пати веќе не му дозволуваш да те донесе во ситуација која ќе те кошта скапо.

Пристапи му на своето его со разбирање и не биди строг кон себе затоа што некогаш не си успеал да се исконтролираш. Едноставно слави ги сите оние обиди кога успешно си успеал да ги затегнеш уздите и полека-полека тие моменти ќе бидат сè почести.

Истовремено твоето его ќе се осети препознаено од самиот тебе, а за него тоа е највредното признание. Така, многу често тоа ќе биде задоволно што ти имаш отворен однос со него и го приметуваш, го советуваш, па дури и го контролираш кога да дејствува а кога да се стрпи.

Во третиот дел: кога е време за скромност, а кога е време да го покажеш змејот. Затоа што понекогаш гордоста е токму правилниот одговор.

Краток серијал „Змејот во тебе“ по повод машкото ментално здравје