Колку пати си слушнал дека егото е проблем?
- „Остави го егото“,
- „Тоа ти е од егото“,
- „Убиј го егото“.
Звучи мудро. Затоа ретко кој застанува да се запраша дали е вистина.
Но погледни што се случува кога ќе почнеш да го мразиш сопственото его. Се фаќаш себеси како пофалбата ти прија и истовремено се срамиш. Кога ќе ти дојде преку глава, си велиш „арогантен сум, па што“ само за да ја ублажиш болката предизвикана од сопствената самокритичност.
Сакаш да бидеш најдобар, а се правиш дека не сакаш. Се натпреваруваш, а потоа се осудуваш за тоа. Еден дел од тебе сака, друг дел те казнува затоа што сакаш.
Тоа е внатрешната војна. И таа не завршува со победа на едната страна. Завршува кога ќе престанеш да се бориш со себе.
Егото е како змеј
Најдобрата слика за егото е змеј. Огромен, моќен, див. Сака внимание. Сака да биде во центарот. Сака сите да видат колку вреди. Сака да ја покаже својата величина и да докаже дека е подобар од другите.
Ако го оставиш див, тој одлучува наместо тебе. Се караш за ситници. Купуваш работи за да се покажеш, само за да го нахраниш змејот. Ги губиш луѓето околу тебе, затоа што секој разговор станува натпревар во кој докажуваш дека си подобар или дека ти си во право.
Ако се обидеш да го убиеш, ќе изгубиш. Змејот е дел од тебе. Не можеш да го исечеш од себе, само ќе го направиш погладен и погнасен. Полут и подив. На крајот ќе те изеде тебе.
Но постои трето решение, а тоа е да го припитомиш сопствениот змеј.
Зошто идејата дека „егото е лошо“ е погрешна
Егото не е грешка во тебе. Тоа е енергија. Тоа е делот што те крева од кревет кога ти е тешко, што те тера да тренираш уште една серија, да го завршиш проектот, да не се откажеш кога сите велат дека нема да успееш. Оној глас што не ти дава да се откажеш затоа што бара гордост и сака да успееш за да се осети восхитено.
Проблемот никогаш не е егото само по себе. Проблемот е кој управува со тебе. Дали ти го јаваш змејот, или змејот дивее сам?
Кога егото вози, одлуките не доаѓаат од јасност. Главата е полна со бучава: што ќе речат другите, како да изгледам подобро, како да не изгубам. И сите овие мисли и намери се легитимни. Но има една фина линија која ти мора да ја зацрташ свесно, за твоето его да не ги претвори истите мисли во крволочен натпревар или натпревар кој ќе го остави соперникот скршен.
Кога ти ги држиш уздите, истата таа сила те носи таму каде што сам, без тоа его, не би стигнал, но овој пат натпреварот е здрав и не секогаш приоритетот ти е доминација. Баш напротив, егото ужива во онаа пријателска битка без притоа да гладува за победа. И самото тоа знае дека е во ред некогаш и некој друг да биде подобар или подеднакво добар, и истото тоа не му пречи.
Тогаш, ти и твоето его во соработка со некој друг кој исто така има стекнато контрола врз сопственото его, можете да го претворите она што било натпревар на докажување во партнерство, и заедно да постигнете големи резултати.
Твоето его може да ја слави и туѓата победа само ако знае дека на крајот од денот исходот не е ни толку важен. Сè додека има обострана почит, тоа може да се помири со фактот дека не секогаш ќе биде најистакнато. Па дури и на моменти ќе се осеќа покомотно да остане во мракот, настрана од рефлекторите, иако знае дека, ако излезе пред нив, ќе биде едно од најсјајните.
Што значи да постигнеш внатрешен мир
Да си во состојба на внатрешен мир не значи дека егото исчезнало. Значи дека престанала војната. Го гледаш змејот, знаеш што сака, и ти одлучуваш кога да го нахраниш.
Следниот дел е за тоа како изгледа тоа во пракса: како да препознаеш кога зборува егото, што се случува кога нема да го нахраниш, и зошто тој див змеј на крај станува речиси миленик.
Own your masculinity значи токму ова: нема потреба да бидеш „без его“, туку треба да го поседуваш сопствениот змеј, и со гордост да ги носиш сите лузни ишарани по него.
Краток серијал „Змејот во тебе“ по повод машкото ментално здравје
