– „Како си?“
– „Добар сум.“
Колку пати денеска си го кажал ова, а не било вистина? Не затоа што сакаш да лажеш, туку затоа што така си научил. Така одговара татко ти, така одговараат другарите, така одговара секој маж што го знаеш. „Добар сум“ е одговор што го затвора разговорот пред воопшто да почне.
Проблемот не е во тоа што некогаш не ти е добро. Тоа му се случува на секого. Проблемот е што сето тоа останува внатре, се таложи, и еден ден излегува таму каде што најмалку очекуваш: во нервоза за ситници, во караница со најблиските, во ноќи кога не можеш да заспиеш, во чаша повеќе отколку што треба.
Зошто молчиме
Ретко кој маж молчи затоа што нема што да каже. Молчи затоа што се плаши како ќе биде разбран.
- Ако кажеш дека ти е тешко, ќе помислат дека си слаб.
- Ако кажеш дека си успеал во нешто, ќе помислат дека се фалиш.
- Ако кажеш дека некој те повредил, ќе помислат дека се жалиш.
- Ако кажеш дека си лут, ќе помислат дека глумиш тврд.
И така, наместо да кажеш што навистина мислиш, почнуваш да го мериш секој збор. Го филтрираш, го омекнуваш, го скратуваш, додека на крај не остане само „добар сум“.
Тоа не е сила
Многумина мислат дека е машки сите проблеми да ги носиш сам. Дека вистинскиот маж не зборува, туку стиска заби и продолжува.
Да стиснеш заби некогаш е потребно. Но да ги стискаш со години, без никогаш да издишеш, не е сила. Тоа е како експрес лонец под притисок без вентил. Прашање е само кога ќе пукне.
Вистинската сила е да знаеш што носиш, да го кажеш гласно пред некој на кого му веруваш, и потоа сам да одлучиш што ќе правиш со тоа. Не за некој да те сожалува. Не за да оставиш одреден впечаток. Туку затоа што кога ќе го кажеш, веќе не е толку тешко. Мислите што со денови ти се вртат во главата, кога ќе ги изговориш, одеднаш добиваат форма, и гледаш дека проблемот има почеток и крај.
Што следи во оваа серија
Цел ноември, месецот на машкото здравје, ќе зборуваме токму за ова: како да зборуваш слободно, без да се криеш зад „добар сум“, без да паднеш во улогата на жртва и без да мораш да внимаваш на секој збор. Ќе зборуваме и за тоа како да ги препознаеш луѓето пред кои можеш да бидеш свој и, што е можеби најважно, како ти да бидеш таков човек за некој друг.
Мала вежба за оваа недела
Следниот пат кога некој близок ќе те праша „како си“, не одговарај автоматски. Застани една секунда и кажи една реченица повеќе од вообичаеното. Не мора да е голема исповед. Доволно е „уморен сум оваа недела“ или „имам нешто на ум, после ќе ти кажам“. Ќе видиш дека светот не пропаѓа, а разговорот одеднаш станува вистински.
Own your masculinity не значи да глумиш дека сè е во ред. Значи да имаш храброст да кажеш кога не е.
